Блаже Конески (19 декември 1921 – 7 декември 1993) — истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, eсеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Блаже Конески е најграндиозната наша фигура во времето на слободен живот. Тој е личноста што се нурна најдлабоко во Македонското минато и што се извиши највисоко во Македонската иднина. Со него станавме препознатливи во светот. Во исклучителни времиња за еден народ се раѓаат и исклучителни личности. А има ли поисклучително време за Македонскиот народ од времето во кое тој ја извојува својата слобода.

Конески е вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на Македонскиот стандарден јазик, втемелувач на Македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број Македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата итн.).

Тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици. И ден-денес неговото име се споменува доста често во научните и културните кругови.

Како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читетели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by