Свети Климент Охридски  (840 - 27 јули 916, Охрид) е македонски светец и еден од учениците на светите Кирил и Методиј кој учествувал во извршувањето на Моравската мисија. По смртта на св. Методиj бил истеран од Панонија од Германците и побарал спас во тогашна Бугарија.

По барање на бугарскиот цар Борис I оди во Охрид, (административно регионот во тогашното царство бил познат како Кутмичевица) каде во 886 година ја формира Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3500 подготвени ученици. Тој е познат македонски и словенски учител и исто е познат по градот Охрид.

Св. Климент бил и првиот Епископ Словенски со титула Епископ Велички.

Најголемиот дел од моштите на св. Климент се чува во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ - Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ - Скопје и во Поречкиот манастир.

Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година.

Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер (Верија), во Егејска Македонија. Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите веднаш ја однесле главата во манастирот во Бер, каде св. Климент Охридски станал монах. Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско-проcветителските, Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и пофални зборови, но во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: св. Ѓорѓи, св. Тома, св. Антониј, потоа слова посветени на Богородица и слова посветени за настаните од животот на Исус Христос.


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by