Коле Неделковски (роден како Никола Крстев Неделков; 16 декември 1912 – 2 септември 1941) е истакнат македонски поет и комунист помеѓу двете светски војни.

Роден е во селото Војница, близу до Велес, на 16 декември 1912 година во сиромашно земјоделско семејство. Гимназија завршил во Велес, но морал да го прекине образованието, поради недостаток на пари. Заминал во Скопје во потрага по работа и го посетувал трговското училиште.

Поради неговата револуционерна активност бил прогонуван од великосрпскиот режим, поради што во 1933 година пребегал во Бугарија. Во 1938 година на страниците на „Илустрација Илинден” објавена е неговата прва песна „Стојан војвода” („Стојан на Ордановци”). Една година подоцна во Македонскиот книжевен кружок другарува со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци. Кон крајот на 1939 година ја издава својата прва стихозбирка „М'лскавици”, со која го поддржува трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски јазик.

Во 1940 година станува член на диверзантска група „Млади антифашистички борци”. Во август 1941 година излегува од печат неговата втора книга „Пеш по светот”. Само десет дена подоцна, на 2 септември 1941 година, Коле Неделковски го завршува својот живот, при обид на бугарската полиција да го уапси во станот во кој живеел. Останува неразјаснето дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдуваат само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна, на местото на настанот е поставена спомен плоча, која подоцна исчезнува.

Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Неговата песна Глас од Македонија е една од најпознатите револуционерни песни во македонската литература.

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by