Полни десет години  на ТВ Војводина се емитува „Македонско сонце“, получасовна емисија на македонски јазик. Во неа се обработуваат теми од сите сегменти на животот на Македонците во Војводина. Посебно внимание се посветува на животот на Македонците и на успесите кои ги постигнуваат на сите полиња. Се следат и активностите во рамките на четирите области (образованието, информирањето, културата и јазикот), во кои, Македонците организирано преку здруженијата и Националниот совет на македонската национална заедница во Република Србија делуват.

Првата емисија на „Македонско сонце“ е емитувана на 17 декември 2006 година, а на први декември 2012 година отворено е дописништво во Панчево, со цел да се опфатат сите активности на Македонците во Војводина, бидејќи пред 70 години во јужен Банат организирано е доселен голем број на Македонци, пред сѐ во Јабука, Панчево, Качарево и Глогоњ.

На реализирањето на програмата работат уредникот на емисијата Златко Јанкуловски од Нови Сад и новинарката Лилјана Лазареска од Панчево. Добар дел од настаните, особено оние кои се случуваат во општина Панчево и Белград се овековечени со острото око на снимателот и монтажерот Сеад Богуќанин од Панчево.

-Мислам дека тоа е добра емисија Златко Јанкуловски и колешката Лилјана Лазареска успеваат со получасовна емисија да направат мал јавен сервис каде што се опфатени актиелности од Македонија и она што се случува овде. Професионално емисијата е добра и тука  ништо не треба да се додава. Единствено е потребна подобра соработка од страна на потенционалните соговорници, истакна Атила Мартон главен и одговорен уредник на втората програма на ТВ Војводина.

Гледачите на емисијата можат да уживат и во музичкиот дел во кој наизменично е застапена народна, забавна и музика за деца.

-Колешката Лилјана Лазареска е така да кажам, повластена бидејќи во општина Панчево Македонците по бројноста се на прво место во Србија, што ѝ овозможува полесно да дојде до соговорници, вели Јанкуловски.

Емисијата „Македонско сонце“ на втората програма на Радио-телевизија Војводина се емитува премиерно секоја недела во 18 часот, а се репризира во вторник во 10 часот. Поголем дел од прилозите преведени на српски јазик се прикажуват и во емисијата „Палета“, која се емитира на првата програма на РТ Војводина, во која се застапени прилози на јазиците на малцинските заедници.

                                                                                                                                                                                                   Верка Митковска 


Copyright Учи Македонски 2021 | Developed and Hosted by