На денешен ден во 1927-та година е роден Ацо Караманов- македонски поет и учесник во НОБ. Овој талентиран писател живеел само 17 години, но неговите хумани пораки запишани во стихотворбите остануваат да сведочат за творечкиот талент, за детската визија за поубавиот свет, за недосонуваното и недоживеано слободарско утро.
Во текот на својот живот Караманов не објавил ниту една поетска или прозна книга, но колку што сега е познато, од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, дневнични записи и епистоларија (писма и дописки).
По заслуга на Милан Ѓурчинов и Радивое Пешиќ, негови школски другари, денес се достапни делата:
„Црвена пролет“, издадена 1963, 1984 и 1989
„Прозните записи“, издадена 1981 година
„Сребрените соништа“ и
„Големата песна на Ацо Караманов“, издадена 2006 година.
Караманов покрај пишувањето исто така се занимавал и со цртање на карикатури.