Матка — кањон на реката Треска, десна притока на Вардар, зафаќа површина од околу 5.000 хектари и се наоѓа на 17 километри југозападно од Скопје. Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. На овој простор посебно внимание заслужуваат карстните форми – десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двата пропасти со длабочина до 35 метри.

Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на глацијалниот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемични растенија и животни.

Од вкупниот број на 1 000 видови на растенија, 20 % се ендемити или реликти. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). На локалитетот Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии.

Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемични мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.

Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк "Јовица Гроздановски", наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштана), како и една подводна пештера (Подврело). 

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by