Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск на церемонија која се одржа на плоштадот „Св. Петар“ ја прогласи Мајка Тереза за Светица.

По каноните на Римокатоличката црква, светец, односно светица се станува откако ќе се утврди дека личноста направила најмалку две чуда. Церемонијата на нејзината беатификација за блажена, што беше чекор кон прогласување за светица, се одржа во 2003 година, шест години по нејзиното упокојување, откако Папата Јован Павле Втори го призна нејзиното прво чудо, излекување на Индијката Моника Бесра во 1998 година со наод тумор во стомакот. Пет години подоцна, Папата Францис го призна второто чудо на Мајка Тереза поврзано со нејзината моќ за исцелување, необјасниво лекување на маж од Бразил од неколку мозочни тумори во 2008 година, додека тој бил во кома. 

Според Католичката црква нејзината светост е во тоа што во дело ги спроведувала зборовите божји и што се посвети на најзагрозените групи во општеството.

Мајка Тереза или Света Тереза Калкутска (Скопје, 26 август 1910 – Калкута, Индија 5 септември 1997) била католичка калуѓерка, добитничка на Нобелова награда за мир и светица во католичкиот свет.

Во 1928 година заминува од родниот град и преку Даблин оди вo Бенгал и Калкута во Индија. По само два месеца таа си ја исполнува својата желба и се приклучува кон редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во Калкута ја дава својата прва заклетва. Потоа е активна 17 години во училиштето „St. Mary's School“ во Калкута. Најпрво како наставничка, а потоа унапредена во директор.

На едно од бројните патувања низ милионскиот град Калкута таа во 1946 год. го почувствувала Божјиот повик да им помага на сиромашните. Дури две години подоцна добива дозвола да го напушти редот. Тереза била ексклаузирана, односно значело дека може да го напушти редот без притоа да се откаже од својот статус на калуѓерка. Оттогаш Тереза живеела со најсиромашните во предградијата на Калкута. Еден нејзин портрет во магазинот LIFE, кој стана славен, и го даде прекарот "Saint of the Gutters" („Светица на бедниците“, или буквално „Светица на сливниците“). Оттогаш, секаде и секогаш таа се именува со Исус, ширејќи ја својата молитвена порака дека „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов“. Како основач на редот Мисионери на милосрдието, се посветила на добротворна работа помагајќи им на болните и сиромашните луѓе, поради што во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир.

Во 1949 год. самата станала Индијка и во 1950 год. го основала редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“. Членовите на овој редот морале да се обврзат на несклучување брак, на сиромаштија и послушност. Подоцна овој ред бил признат од страна на папата и бил под негова контрола. Тереза со редот посебно се грижела за лицата што биле пред смрт, сирачиња и болни. Нивниот посебен ангажман, сепак, била грижата за болните од лепроза. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 3000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот. За нејзиното несебично дело таа добила голем број награди.

Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута.

 


Copyright Учи Македонски 2021 | Developed and Hosted by