Васил Иљоски (Крушево, 20.12.1902 - Скопје, 1.11.1995) – македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, истакнат педагошки работник и академик. Тој е еден од втемелувачите на македонската драмска литература. Автор на првото драмско дело на македонски јазик прикажано на сцената на Кралскиот скопски театар меѓу двете светски војни. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Долги години работел како професор на Вишата педагошка школа (сегашен Педагошки факултет) во Скопје. Еден е од основачите на ДПМ во 1947 година, а станува прв член на МАНУ непосредно по нејзиното формирање. Васил Иљоски цели пет децении му останува верен на литературното македонско драмско творештво.

Васил Иљоски е роден на 20 декември 1902 година во Крушево, непосредно пред историските настани кои ќе ја одбележат епопејата на македонскиот народ. По Илинденското востание 1903 година, барајќи работа и подобри услови за живот неговиот татко заминува во Куманово. Десетина години подоцна, откако се создадоа услови, целото семејство се преселува во Куманово.

Детството го поминува во столарска работилница на татко му каде помага и го изучува занаетот. Иако Васил работи како столар, тој не го продолжува татковиот занает. По завршувањето на основното и средното училиште, љубовта кон книжевноста ќе однесе во Скопје каде се запишува на Филозовскиот факултет.

Васил Иљоски како член на литературната дружина го привлекува сценскиот збор и уште во гимназиските денови почнува да пишува драмски текстови, а како студент неговите оформени едночинки, доживуваат сценска изведба. Драмските текстови ги пишува на македонски, крушевски и кумановски дијалект, прикажувајќи ја притоа колоритноста и посебноста на македонскиот јазик.

Првиот јавен настап го прави со драмскиот текст „По матурата“. Таа била едночинка, која авторот ја поставува со школската дружина. Со оваа претстава членовите на групата гостуваат на неколку места. Првичните успеси го мотивираат Иљовски и наскоро на сцената се појавува со хумористочниот драмски текст „Бура поради електриката“. Преставата во која како и претходно глуми и самиот автор, ги измамува првите локални печатени пофалби.

Иако скромни, првите успеси за авторот преставуваат дополнителен мотив за нови творечки напори. Некаде кон втората половина на триесетите години, Васил Иљоски започнува да работи на своето посериозно драмско дело насловено како „Бежанка“ (подоцна преименовано како „Бегалка“).  Оваа типочно битово-социјална драма во 5 чина, во која до израз доаѓаат тенденции на Иљоски да ја прикаже посебноста и колоритноста на македонскиот јазик, премиерно е прикажана на 16 јуни 1928 година под името „Ленче Кумановче“. Изведена на кумановски дијалект, претставата предизвикува голем интерес кај публиката.

Дејството во пиесата ја прикажува љубовта на убавата Ленче која била таксана за Досе, син на богат трговец. Но, таа била вљубена во младиот занаетчија Бошко. Тој бил убав и не и пречело што е сиромав. Бидејќи нејзиниот татко, Аџи-Трајко, се спротивставувал на нејзината желба, таа одлучила како бегалка да живее со Бошко. Таткото бил скршен, немоќен и чувствувал голем срам и бес затоа што бил погазен неговиот збор и токму поради тоа се плашел да и прости. Во тоа време бил голем срам, мома да се мажи на своја рака. Сепак, прочуениот чорбаџија Аџи-Трајко, за да ја одбрани честа на ќерка му и да го спаси семејството, по многу негодувања, на крајот морал да ја прифати љубовта на Ленче кон Бошко.

Приказот на темата во пиесата преку градбата на драмското дејство со постојана испреплетеност на настани, кои се движат од комични кон трагични и обратно, овозможува таа да е актуелна и денес.

Самиот автор објаснува дека пиесата ја напишал за народот, за широките народни слоеви, со особено настојување на сите да им биде поблиска и разбирлива. Во неа се ја прикажува борбата против надживеаните и штетни традиции, обичаи и општествени стеги, како и жртвувањето за народот, за општото добро и напредокот, трагиката на животните тешкотии, бремето на социјалните судири и на економските кризи. Според Иљоски, народот сакал на сцената да види победа на вистината над лагата, на доброто над злото, победа на социјалната правда и човечноста.

За првпат пиесата била изведена во 1928 година на сцената на Скопскиот театар, на кумановски говор, а потоа набргу била симната од репертоарот и забранета. Повторно, премиерно е прикажана на 15 декември 1936 година, овојпат под наслов „Ленче Кумановче“. До крајот на театарската сезона истата година, претставата била прикажана 12 пати и ја гледале 6.136 гледачи.

Иако наидува на одличен прием кај публиката, по интервенција на власта, претставата „Ленче Кумановче“ набрзо е симната од репертоарот на Скопски театар, а обидот низ драмскиот текст јавно да се промовира македонски јазик, власта го казнува. Младиот професор по книжевност Васил Иљоски ја губи својата служба во гимназијата во Куманово, каде бил вработен по завршувањето на Филозовскиот факултет како наставник (суплент). Оваа драма повторно е прикажана на сцената на  Кралскиот скопски театар дури  во сезоната 1936/37 година, кога на сцената е поставена и драмата „Печалбари“ од Антон Панов.

Во овој период, за да ги избегне проблемите со власта, Васил Иљоски пишува на српски јазик. Создава неколку дела меѓу кои: „Нагазио човек“, „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“.  Комедијата во 3 чина „Нагазио човек“,   уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. Иако се наоѓала на репертоарот за сезоната 1939/40 , драмата „Биро за безработници“ не била изведена на сцената. Основната причина што оваа драма со социјална тематика била изоставена од репертоарот, бил обидот на авторот да  алудира на политичките состојби непријатни за тогашната власт.

По ослободувањето, Васил Иљоски имал раководни функции во просветата. Поставен бил за директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа работи и се пензионира како професор во Вишата педагошка академија во Скопје.

Автор е на повеќе драми, статии и студии за јазикот. Негови најпознати драми се: „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“, „Биро за безработници“, „Чест“, „Кузман Капидан“, „Окрвавен камен“ и др.  Исто така, тој автор и на литературно - историски текстови за Кирил и Методиј, Григор Прличев, Крста Петков Мисирков, Коста Рацин, како и на есеи за театарот.

Васил Иљоски бил еден од првите академици на МАНУ и еден од оснивачите на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 г.), чиј член останува се до неговата смрт на 1 ноември 1995 година во Скопје.


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by