Демиркаписката клисура спаѓа меѓу најубавите клисури во Македонија на реката Вардар. Долга е 31,5 км сметано од утоката на Бошава до селото Удово. Со оваа должина е најмала во споредба со другите клисури на Вардар.

Демиркаписката клисура е планинска. Од источната страна е заградена со ограноците на Серта и Градешка Планина, а на западната со Краставец и Кожув Планина.

Страните на некои места во клисурата се високи и до 900 метри, а на Карадак и Трнка Рид и до 1000 метри.

Демиркаписката клисура е изградена во мезозојски варовници со старост од јура и креда.

Варовниците имаат сива до отворено сина боја и на влезот во клисурата скоро вертикално се издигаат над Вардар со пад од 85 степени.

Во Демиркаписката клисура се чуствува влијанието на медитеранската клима.

Како последица на оваа клима се развила специфична вегитација карактеристична за овој климатски тип. Тука се среќаваат и разновидни диви животни како што се срната, зајакот, лисицата, куната, јазовецот, волкот, еребицата и др. Освен нив во овој дел на Вардар живее и Сомот кој е најголема риба која достигнува тежина и над 1000 кг.

Во клисурата постојат површински и подземни карстни облици. Има вкупно 13 пештери од кои најпозната е Бела Вода и Змејовец.

Пештерата Бела Вода се наоѓа во Демикапирската Клисура, од десната страна на реката Вардар. Создадена е со варовници со јурска старост. Пештерата се состои од два канала (долен и горен). Должината на долниот канал изнесува 722 метри, а горниот 233 метри, односно вкупната должина на оваа пештера достигнува 955 метри. Со оваа своја должина, Бела Вода е најголема од досега истражените пештери во Република Македонија. Во неа, мошне ретко се сретнуваат пештерски украси. На крајот од долниот канал, под отсек висок 6 метри, се наоѓа подземно езеро. Всушност, тоа е сифон исполнет со вода. Во пештерата Бела Вода истражувана е и рецентната пештерска фауна.

Пештерата Горен Змеовец се наоѓа во близина на Демиркаписката клисура, под врвот Краставец, на надморска височина од 630 м. Истата се состои од еден влезен канал, долг 24 м, поголемо проширување (пештерска сала) со широчина од 55 м и еден внатрешен канал со должина од 26 м.

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by