Книгата е огромно богатство, извор на знаења и чувства, таа може да направи чуда, да нè одведе секаде, да нè врати во времето кое поминало и да ни биде патоказ кон иднината за среќен и поубав живот Кочо Рацин е основоположник на македонската современа поезија и е еден од најголемите поети во историјата на македонската литература. Многу институции и установи во Република Македонија го носат неговото име.
Творештвото на поетот наречен "славеј што пее со затворени очи" опфаќа неколку области, но најголем придонес дава во поезијата, особено со стихозбирката "Бели мугри", објавена во Самобор, 1939 година.
Животот и книжевната дејност на Кочо Рацин беше овогодишна тема на "Ноќ на книгата 2017." која се одржа на 21 април во организација на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и МКД „Охридски бисер“ од Загреб.
Веќе трета година по ред Македонците учествуваат на оваа манифестација која ја слави културата на читање, книгата и издаваштвото во Хрватска. Книжевната вечер под назив "Запознајте ја македонската книжевност", ја водеше Елена Ристова, а кратко предавање одржа и Горан Коров, интерпретирајќи ја песната на Рацин "Смртта на астурискиот рудар". На настанот одржан во пресрет на "Светскиот ден на книгата" беа претставени и книгите во издаваштво на ЗМРХ како и списанието "Македонски глас".
Поезија на македонски јазик читаа членовите на литерарно-драмската секција "Ленка" при Друштвото и гостите, меѓу кои беше и Мачеј Качоровски, вршител на должноста при Амбасадата на РМ во РХ. Вечерта посветена на Кочо Рацин и на македонската поезија низ проекција и рецитали беше добар поттик за продлабочување на врските помеѓу хрватскиот и македонскиот народ, но и за збогатување на односот кон книгите и читањето воопшто, зашто книгата е како топла прегратка, таа секогаш била и ќе остане најдобар пријател на човекот.