Јовица Тасевски - Етернијан (роден на 25 јули 1976 год. во Скопје, Република Македонија) е македонски поет, есеист, критичар и преведувач. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје.

Работи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје. Уредник е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ - Прилеп.

Стручен советник е за македонска поезија во меѓународниот поетски проект „Други гласови“ - антологија на светската поезија која е вклучена во референтната листа (World Poetry Directory) на УНЕСКО.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, Британското поетско друштво (The Poetry Society) и Светското поетско друштво.

Почесен член е Австралиското поетско друштво. Ја има добиено индиската поетска награда „Инчентин поет“ („Восхитувачки поет“) што се доделува за исклучителен придонес во современата поезија.

Заедно со Маја Апостолоска го има составено изборот од современата македонска поезија со библиски, религиозни и апокрифни мотиви што излезе како специјален број на списанието Стремеж (11/12. 2000). Приредувач е и на антологијата на младата македонска поезија „Неидентификувана небесна дојка“ (2001).

Врз основа на неговата поезија во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ - Велес беше изведена претставата „Небесни стражи“ во режија на Весна Димитровска (2005).

Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и преведена е на англиски, руски, полски, унгарски, романски, грчки, српски, хрватски и словенечки јазик.

Уживајте во нашиот избор на неколку негови песни.

 

Елегија за сееднотијата

Сето друго

не може да пристигне.

Ридјето се рони. Венее хоризонтот.

Сите тие се претопуваат во сееднотијата,

се кошкаат во недогледното мочуриште 

каде се множат стиите.

Самите си врзаа окови,

ги обложија со позлата

(да не им ’рѓосаат во калта),

а ниту злата имаат запир,

ниту овој ѕверски пир.

Ќе се сети ли некој

дека ќе ги задуши реата

што се создава од гнилежот

и од нивните тешки здивови?

 

Далеку

Ме прашавте: Каде е? 

 

Не го барајте него 

среде врева, турканици, метеж; 

не ќе го сретнете веќе 

кај вирее троскот, бурјаниште, плевел 

 

Тој отиде во неговиот бесконечен дом, 

каде конечно може да се одмори, 

каде не мора за ништо да се грижи, 

каде ни мори, ни мории, ни морници има 

 

Туку само јадри плодови, 

созреани од неговите доблести, 

што му ги принесуваат светлозрачни придружници, 

испратени од Оној Кој надгледува сè 

 

Кој некогаш и нас ќе нè повика да пристапиме, 

та донесеме ли нераспадливи скапоцености 

на терезијата на Благовесникот – 

ќе го пречекориме прагот. 

 

Всезрцание тегобно

Спарно е

Господарот е присутен секаде

Нашите домови

ги запоседна од таванот до подот,

навлегува дури и во пукнатините на ѕидовите

Спарно е

Господарот нѐ надгледува секојдневно

Сите наши движења

ги следи непрекинато,

ни ги грее срцата – до аритмија

Спарно е

Силната прегратка на Господарот нѐ задушува
 

Следен чекор

До кога ќе биде покрај мене,

до кога и до каде

ќе ме следи

овој крилест лав,

овој кроток ѕвер,

овој заштитник

што ми го испрати

како дар

најдобриот пријател,

кој ме научи да не отстапам

од патот поплочен со белутраци,

порабен со мирта,

за да не го разгневам

мојот верен придружник,

та да ме растргне

пред да го направам кобниот чекор

кон Бездната
 

Преобразба

Гневот се витка

зад мазната кожа на твоето лице

како змија, се лизга

по рамениците, лактите, дланките;

само јас можам да го видам

и да сведочам за неговото постоење,

за неговото прикриено движење

Твоето лице е речиси восочно,

отпорно е на овој влекач

што посакува да се преобрази

во неутронска бомба;

ќе може ли уште долго да им одолее

на секојдневните повици

и ноќните поттици за преобразба

што му ги упатуваат

неговите создатели

и нивните штитоносци,

ќе може ли...

 


Copyright Учи Македонски 2021 | Developed and Hosted by