Д-р Крсте Петков Мисирков (18 ноември 1874 – 26 јули 1926) бил македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.

Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петерсбург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот 20 век.

Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.

„За македонцките работи“ е објавена во Софија во 1903 година. Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè кон македонскиот јазик.

Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание, како и научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.

Книгата на Мисирков е политичка анализа на положбата на македонскиот народ и предлог-програма за македонското националноослободително движење. Истовремено, таа ја разоткрива асимилаторската политика на соседните земји насочена против македонскиот народ и против македонскиот јазичен, културен и етнички идентитет.

Во самата книга, тој 10 години пред Балканските војни и Букурешкиот мировен договор, ја предивидува можноста од поделба на Македонија меѓу балканските држави, предлагајќи обединување на сите македонски народности, како и интелектуални, револуционерни и ослободителни сили и движења во една и заедничка борба за ослободување на Македонија, со цел да се оневозможи ваквиот процес и истовремено предлага воведување и сеопшто прифаќање на терминот Македонец / Македонци во официјална употреба за националноста на македонското словенско население во вилаетите на Отоманската империја на подрачјето на Македонија.

Согледувајќи ја тогашната политичка состојба во Македонија по Илинденското востание, Крсте Мисирков во книгата се осврнува и на предложените Мирцштегски реформи како поволна политичка одлука за Македонија и Македонците и истовремено смета дека поради опасноста од поделба на Македонија заради вмешаноста на соседните балкански држави и нивните пропаганди, подобра е соработка и спроведување на реформи во рамките на Отоманската империја со што ќе се зачува целовитоста на Македонија, а ќе се намалат страдањата и убиствата над македонскиот народ, отколку да се спроведува револуционерна борба поттикната и под знаме на еден дел од населението и општеството.

Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.

Во оваа книга тој го прогласува централното македонско наречје за литературен македонски јазик и ја определува својата национална програма, во која главно место има прашањето за македонскиот литературен јазик. Со оваа книга, тој теориски ги изложи погледите за оформување на македонскиот литературен јазик.

Неговиот јазик, всушност, е нормиран јазик и претставува солидна основа за дефинитивното нормирање и кодифицирање на македонскиот јазик. Последната статија во оваа книга носи наслов „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“ и претставува прв научно аргументиран, теориски солидно поставен и практично разработен проект за кодификација на македонскиот јазик.

Мисирков тргнува од особеностите на македонскиот јазик во однос на другите словенски јазици. Тој ја разгледува неговата историја, неговата практична примена во писменоста, како и културно-историските околности кои придонесуваат да се избере западномакедонското наречје и да се издигне на ниво на литературен јазик.

Според Мисирков, потребата од одделен македонски литературен јазик е национален интерес на македонскиот народ и успешно средство во национално- политичката борба против туѓите пропаганди и против употребата на туѓите соседни јазици.

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by