Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар) e остров во Преспанското Езеро од големо културно-историско значење. За него погрешно се смета дека е единствениот остров во Република Македонија, во која впрочем постојат повеќе езерски и речни острови.

Флора и фауна

Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот е долг 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и спили со височина 20 до 30 метри. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островот. Меѓу возвишенијата има седло кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на платото.

Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на Медитеранот овозможиле на островот да владее посебна микроклима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи (41 или 25,6 % - субмедитерански видови; 29 или 18,2 % - евроазиски; 20 или 12,6 % - медитерански; 18 или 11,2 % - понтски; 17 или 10,6 % - европски; 10 или 6,2 % - мезиски; 8 или 5,0 % - циркумполарни; 5 или 3,1 % - културни; 4 или 2,5 % - атланско-субмедитерански; 3 или 1,9 % - космополити; 3 или 1,9 % - илирски; 2 или 1,2 % - скардо-пиндски).

На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae).

Статус

Според Указот за прогласување на Законот за прогласување на дел од планината Галичица за Национален парк, во членот 4 на овој закон се потенцира дека во границите на паркот влегува и островот Голем Град во Преспанското Езеро.

Поради природните вредности кои ги поседува, со Планот за просторно уредување на паркот за островот одреден е посебен режим на заштита и ставен е во зоната за строга заштита. Режимот на заштита во овие зони дефиниран е во член 104 од Законот за заштита на природата (Сл. Весник на РМ 67/04).

Историски споменици

На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности. Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 m над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.

Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од неолитот, старомакедонското и римското време (некропола) и средновековието.

Освен римската некропола, откриени се шест цркви, a постоеле дванаесет. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода.

Освен сочуваната црква „Св. Петар“, средновековната црква „Св. Димитрија“, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик.

Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“.

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by